Археолошки локалитет Горица - Виница
Горица, населба од доцноантичко време и ранохристијанска базилика. На 1,5 км. с/з од градот, на една тераса што благо се спушта кон левиот брег на Брегалница, со простор од околу 1 хектар, се среќаваат фрагменти од керамички садови и градежен материјал. Од 1984 до 1989 год. Музејот на Македонија вршел заштитни ископувања при што се откриени темели од помала трикорабна базилика со нартекс и две странични простории, како и остатоци од темели од други објекти. Ѕидовите на базиликата се зачувани во темелните партии, наместа до 1м. височина и се гардени од речен кршен камен и малтер. Откриена е прекрасна архитектонска декоративна камена пластика – крстови, гулаби и други христијански мотиви. Музејот на град Виница прави напори да го врати прекрасниот движен материјал и соодветно да го експонира, за на тој начин да му го даде заслуженото значење. Исто така и покрај долгогодишните истражувања, Музејот на Македонија нема публикувано ништо и овој исклучително значаен локалитет за периодот на раното христијанство по течението на Брегалница е сосема онеправдано запоставен. Дел од камената пластика ја обработува проф. Д-р Виктор Лилчиќ. Повеќе…
Извор: http://www.muzejterakota.mk/
Благодарност за соработката на Јулијана Иванова директор на Музејот во Виница.