Џамија на Хаџи Дургут
Џамија на Хаџи Дургут (Џамија на Хаџи Тургут) или Крст-џамија — стара османлиска џамија во градот Охрид. Му припаѓа на Охридското муфтиство на ИВЗ и прогласена е за културно наследство на Македонија.
Џамијата е изградена во 1466 година. Сместена е меѓу улицата „7-ми Ноември“ северозападно од неа и улицата „Марко Нестороски“ на југ. Има квадратна основа, врз која се издига осумаголна купола. Минарето е високо околу 20 м. Основата е изработена од бигор и варов малтер, а куполата е од бигор и тули, повторно со варов малтер. Минарето исто така е од бигор, па покриено со варов малтер. Покривот бил со турски ќерамиди. Во внатрешноста има дрвена ламперија по ѕидовите и дрвен таван. Автентичниот изглед на храмот е речиси целосно зачуван.